18.09.2015 Аикидо клубот “Нико“ од Кочани не бил спречуван да продолжи со работа со тоа што му се одземаат термините за тренинзи што тој до сега ги користеше во спортската сала на ОУ “Никола Карев“. Салата можела да се користи и понатаму, но под поинакви услови во временскиот распоред.
Таков е генералниот заклучок од објаснувањето што го даде градоначалникот Ратко Димитровски на новинарско прашање зошто клубот практично е избркан од салата што ја користеше повеќе од една година.
Според него, некој вештачки создал информација, без да ја знае вистинската причина поради која од училиштето беше доставено известување дека соработката со “Нико“ завршува.
- Вештачки се создава некоја информација дека Општината, односно училиштето “Никола Карев“ сака да го избрка аикидо клубот, што не е точно заради тоа што тие спортски објекти мора да се користат за намената за која што се направени. Имаше директна ургенција од Агенцијата за спорт и млади и на нив им е објаснето дека спортската сала е во склоп на училиштето и првин е за учениците, второ е за ученичките клубови, значи она што е бесплатно, и трето е што Општина Кочани има иницијатива за формирање нови клубови во ракомет и одбојка. Имаме такви иницијативи и сите тие имаат приоритети, дури потоа доаѓа она што може да се изнајмува да биде за други лица, рече Ратко Димитровски, градоначалник на Општина Кочани.
Минатата година ги немало иницијативите за формирање клубови за ракомет и одбојка, па затоа салата била изнајмувана. Димитровски негира дека аикидо клубот е исфрлен на улица, туку ќе морал да се прилагоди на новите услови за користење на просторот.
- Значи, тие не се исфлрени, тие само треба да бидат подоцна, треба да бидат од 9 ипол. Ќе настојуваме тоа да биде и од 9 часот навечер, е сега зависи од нив дали ќе можат да ги соберат истите тие членови кои беа порано да доаѓаат и сега, додава Димитровски.
За волја на вистината, во писменото известување што аикидо клубот го доби од ОУ “Никола Карев“ стои дека не може да се потпише договор за користење на салата, па завршува соработката на училиштето со “Нико“. Како причина за непродолжување на договорот е наведено тоа што тренерот не живеел во Кочани, а салата ќе била давана на користење само на жители и клубови од општина Кочани. Исто така, му се препорачува раководството на клубот да си ги земе и реквизитите за вежбање.
За сега од аикидо клубот нема реакција на ваквиот став на градоначалникот што е дијаметрално спротивен од наводите изнесени во писменото известување. Голем дел од членовите на клубот се малолетни лица за кои новиот термин веројатно ќе биде пречка да продолжат со работа.
Т. Ајтовски