01.10.2015 Јавното претпријатие за државни патишта најавува дека ќе започне постапка за реконструкција на магистралниот пат А3 на делницата од Кочани до Делчево, за што претходно треба да се добие стручна оценка за влијанието врз животната средина и да се изготви технички проект.
Според образложението, главна причина поради која треба да се реализираат планираните градежни активности е што постоечката сообраќајна делница во моментот не ги задоволува барањата за брза и безбедна конекција на локалното население, како и на другите учесници во сообраќајот.
Оштетувања од голем обем се забележани на овој дел од патот, вклучувајќи остри мрежести пукнатини, надолжни и попречни пукнатини како и многу дупки.
Реконструкцијата на патот се планира да биде поделена на два подделници, при што првата е од месноста Превалец до браната Калиманци, со должина од 14,5 километри, а втората е од Македонска Каменица до почетокот на рехабилитираниот дел пред Делчево, со должина од 15,5 километри.
Според проектот ќе се напарви целосна реконструкција на коловозот, без завземање на ново земјиште. Притоа, постоечкиот пат ќе се санира во три нивоа: јакнење на коловозната конструкција за задоволување на бараната носивост и изградба на долен и горен слој.
Во Основниот проект ќе бидат проектирани и дополнителни сообраќајни објекти како потпорни ѕидови и заштита од лизгање на земјиштето, ерозија, како и замена на хидроизолацијата за мостовски конструкции. Мостовите на реката Брегалница по должина на трасата исто така ќе бидат опфатени во проектот за рехабилитација.
За изработка на техничката документација за реконструкција на делницата во ЈП за државни патишта планира да се потрошат околу 27 милиони денари, а крајниот рок за нејзино завршување е до август идната година.
Финансирањето на целиот проект пак, се планира да се да се обезбеди со средства од меѓународни финансиски институции, односно со кредит од Светска Банка, според чии барања треба да се подготви и Извештај за процена за влијанието врз животната средина и за социјалните аспекти од реконструкцијата на патот.
T. Ajтовски