02.10.2015 Во конкуренција од 12 преубави девојки, на традиционалниот Избор на жетварска убавица жири комисијата имаше тешка задача да ја избере најубавата.
Престижната титула жетварска убавица на Кочани за 2015 година ја понесе 15-годишната Нина Лаковиќ од Кочани.
- Јас навистина покрај овие убавици покрај мене не очекував дека ќе ја земам титулата жетварска убавица. Ќе се обидам да го претставам градот Кочани во најдобро светло на зажнејувањето во недела како и на телевизиските емисии на кој ќе настапиме заеднички. Им благодарам на жири комисијата што ме избра мене и секако на публиката што дојде да го проследи изборот, рече Нина Лаковиќ, жетварска убавица на Кочани за 2015.
За прва придружничка беше избрана Драгана Лукиќ, а за втора Сандра Арсова.
- Ова ми е прв пат да настапам на ваков избор и задоволна и среќна сум што сум избрана за прва придружничка, рече Драгана Лукиќ, прва придружничка.
- И честитам и на победничката и на првата придружника за освоените места. Задоволна сум што сум втора, а инаку настапувам прв пат на ваков избор, рече Сандра Арсова , втора придружничка.
Наградите на најубавите девојки им ги врачи градоначалникот Ратко Димитровски, а имаше и подароци од спонзорите и фирмите. Девојките имаа три претставувања во современа и стилизирана облека и во народна носија. Сценариото беше на Марија Апостолова, а комисијата беше составена од стилист, фризер и претставник од општинската администрација.
Организаторите на манифестацијата годинава навистина се потрудиле изборот на жетварската убавица да биде настан за кој ќе се зборува подолго време. Почнувајќи од подготвената сцена, па се до забавниот дел за кој се погрижија наставниците од ОМУ „Ристо Јуруков и во живо отсвиреа неколку македонски песни. Со гостинката од Турција, Чидам Таштан заеднички пееше и публиката што е доказ дека забавниот дел е полн погодок оваа година.
Жетварската убавица Нина Лаковиќ ќе ја ожнее првата ракатка ориз на традиционална жетва што годинава ќе се одржи во оризова нива во село Прибачево со што и официјално ќе биде означен стартот на жетвата на оризот.
Т. Велкова