03.06.2013 370 ученици учествуваа во модната ревија од модели изработени од отпадни материјали што се одржа во спортската сала во ОУ „Никола Карев“ . Ревијата беше со натпреварувачки карактер , а учествуваа ученици од основните и средните училишта и градинките од општините со кои „Еко Пак Хит“ има склучено договори за управување со отпад од пакување, Кочани, Македонска Каменица, Виница, Зрновци и Пробиштип.
Во категоријата „Градинки“ првото место отиде кај ДГ „Гоце Делчев“ од Пробиштип. Втора беше ДГ „Гоце Делчев “ од Виница, а трета кочанската градинка „Павлина Велјанова“. Од основните училишта најкреативни според жири комисијата беа домаќините ОУ „Никола Карев“. Втори учениците од ОУ „Славчо Стојменски“ од Виница и трети ОУ „Синиша Стоилов“ од Зрновци и ОУ „Св. Кирил и Методиј“ од Македонска Каменица.
Од средните училишта прво место освоија учениците од „Миле Јаневски Џингар“ од Македонска Каменица , второто им припадна на „Наум Наумовски Борче“ од Пробиштип и трето месо за кочанската гимназија „Љупчо Сантов“.
Учениците покажаа голема креативност во изработките на моделите изработени од најлон, хартија, цедиња, картони.
Мисијата на „Еко Пак Хит“ е да обезбеди почиста и сигурна средина за живот преку ефективно управување на систем за собирање и искористување – рециклирање на отпадоците од пакување.
-Целта на ревијата е да покажеме дека отпадот не секогаш треба да заврши во корпите за отпадоци , туку мора да бидеме креативни и да направиме и нешто друго. Затоа ја организиравме модната ревија за да подигнеме свеста кај луѓето и да знаеме дека отпадот може да се преработува, истакна Билјана Митева , координатор на „Еко Пак Хит“.
Од она време кое „Еко Пак Хит“ работи на терен може да се заклучи дека свеста кај луѓето за преработка на отпадот и негово користење за други цели се подига на повисоко ниво. „Еко Пак Хит“ како друштво сеуште не е подготвено за поставување и покривање на материјали за селектирање на отпад на територијата на цела општина, но наскоро ќе бидат поставени садови за разделно собирање, додаде Митева.
Вкупниот буџет на натпреварот е 100.000 денари. Првонаградениот доби награда во вредност од 17.000, вториот 10.000 и третиот 6.000.
Останатите добија благодарници за учество во натпреварот. Програмата покрај ревијата беше збогатена со учество на ученици од ОМУ „Ристо Јуруков“.
Т. Велкова