14.10.2015 Не помагаат апелите за внимателно возење и соодветно обележување на земјоделската механизација што се движи по магистралниот пат А3 меѓу Кочани и Штип, особено во вечерните часови.
Сообраќајните незгоди се вообичаена глетка на оваа делница, а во вторникот околу 22,30 часот се случи уште една. Патничко моторно возило со кочански регистерски таблички во близина на надвозникот преку железничката линија кај Тркање директно удри во недоволно осветлен трактор натоварен со вреќи ориз.
Возилото и тракторот се движеле во правец на Кочани, а возачот на автомобилот доцна го забележал тракторот пред себе и со полна брзина удрил во приколката. Притоа предниот дел на автомобилот бил целосно уништен, а возачот се здобил со телесни повреди и итно е префрлен во кочанската болница. На местото на несреќата излезе сообраќајната полиција и додека траеше увидот, во прекин беше нормалното одвивање на сообраќајот.
Во текот на денот пак, на улицата “Љупчо Сантов“ во Кочани се случи уште една сообраќајна незгода во која настрада совозач на скутер. Поради удолницата и забрзаното движење во еден момент лицето кое го управувало скутерот изгубило контрола и се излизгало на коловозот. Заедно со него се превезувало и женско лице кое од падот се здобило со телесни повреди, додека возачот останал неповреден.
Скутерот е полесно оштетен и завршил под еден од паркираните автомобили на улицата.
Т. Ајтовски