26.10.2015 Црниот биланс во сообраќајните несреќи што беше регистриран на крајот од минатата недела продолжи и во текот на празничниот викенд.
На сообраќајниците во Кочани и во потесниот регион се случија неколку соообраќајќи во кои освен материјалната штета, имаше потешко повредени лица, од кои едно им подлегна на повредите.
Најсериозни последици има кај сообраќајната несреќа што во саботата околу 2 часот по полноќ се случила на надвозникот на регионалниот пат Кочани – Грдовци. Од непознати причини дошло до излетување од патот на патничко моторно возило “мазда“ со кочански регистарски ознаки во кое се превезувале 24-годишниот М. П. од Кочани и 18-годишната Б.А. од Грдовци, при што се здобиле со тешки телесни повреди. По укажување на медицинска помош во кочанската Општа болница, поради сериозноста на повредите двајцата билепрефрлени во Клиничкиот центар – Скопје каде момчето им подлегнало на повредите.
Втората потешка сообраќајна несреќа се случи на магистралниот пат А3 во близина на селото Уларци при што освен материјалната штета кај возилата, и патниците во нив се здобиле со телесни повреди. Причина за несреќата била неприлагодената брзина на условите на патот, па поради лизгавиот коловоз и намалената видливост дошло до судир меѓу патничките моторни возила “форд фокус“ со беровски и “пежо партнер“ со винички регистерски таблички. Со повреди се здобиле возачите на двата автомобила, како и нивните сопатници меѓу кои имало и малолетно лице, поради што биле транспортирани до Клиниќката болница во Штип. Додека траеше увидот во несреќата сообраќајот на магистралата Кочани – Штип беше во прекин неколку часа, а дел од возилата се пренасочуваа по споредните патишта.
Со оглед на зголемениот број несреќи со сериозни последици што се случија во изминатите пет дена од Секторот за внатрешни рабпоти упатија апел до возачите.
- Сите возачи на моторни возила да ја прилагодуваат брзината на движење според условите и сосотојбата на патиштата, а воедно да ја почитуваат и поставената сообраќајна хоризонтална и вертикална сигнализација и да не започнуваат со управување моторни возила кога имаат конзумирано алкохол. Превентивна мерка за зголемување на безбедноста во сообраќајот е задолжително да ги користат сигурносните појаси во возилата, со што ќе се намалат сообраќајните незгоди и последиците од истите, порачаа од СВР - Штип.
За само пет дена во Кочани и регионот се случија пет несреќи со сериозни последици. Како главни причини за нив полицијата констатирала дека се несоодветната брзина при управување со моторните возила и непочитувањето на сообраќајните прописи.
Т. Ајтовски