27.10.2015 На крајот од календарската година Општина Кочани ја интензивира продажбата на парцели за изградба на викенд куќи на Пониква.
Со најновиот оглас за оттуѓување на државното градежно земјиште локалната власт одеднаш нуди дури 23 плацеви за оваа намена, што е своевиден рекорд досега.
Половина од нив се со просечна површина од околу 650 метри квадратни, а остатокот се двојно и тројно поголеми. Куриозитет на оваа објава за продажба е што една од парцелите е скоро шест пати поголема од просечните, односно зафаќа површина од над 3.600 метри квадратни.
Задоволување на нараснатиот интерес на купувачите или намера да се надополни приходната страна на општинскиот буџет е дилемата за ваквата постапка на општинската администрација што ќе добие разјаснување на почетокот од декември кога ќе се реализира јавното наддавање.
Освен за викендички, на заинтересираните инвеститори им стои на располагање уште една парцела на Пониква со површина од близу 6.000 метри квадратни наменета за изградба на објект за времено сместување на гости, односно за хотел.
Со огласот за продажба Општина Кочани нуди уште 45 плацеви, од кои за изградба на куќи се предивидени 18, а два имаат компатибилна намена – домување со простор за малостопанска дејност. Нивната површина се движи меѓу 140 до 490 метри квадратни, при што по три се на улиците “Мишо Арсов“, “Крум Вранински“ и “Ката Мокрејка“, по две на улицата „Иљо Андонов“ и во месноста Прокарка, и по една на “Орце Николов“, “Смилевски конгрес“ и “Бранко Пендовски“.
Преостанатите седум парцели се за лесна индустрија и мало стопанство и се наоѓаат во месностите Драчевиќ и Белски дол, а се со просечна површина од 1.200 метри квдаратни.
Пријавувањето за учество на лицитацијата за продажба на сите плацеви трае до 24 ноември, а наддавањето ќе се одржи од 30 ноември до 9 декември годинава.
Т. Ајтовски