12.11.2015 Нов случај на кривично дело во кое е извршена кражба расветли Надворешната канцеларија за криминални работи од Виница. Настанот се случил пред два месеци во трговски објект, при што било констатирано ненасилно влегување и одземање на дел од стоката што се наоѓала внатре.
По направените оперативни активности против 22-годишниот И.М. од Виница поднесена е кривична пријава поради постоење на основи на сомнение дека тој сторил кривично дело „тешка кражба“.
Пријавениот на 07. септември годинава со намера за себе да прибави противправна имотна корист со употреба на оргинални клучеви ја отклучил металната влезна врата од продавницата ДООЕЛ ВИ-Вардар во Виница, влегол внатре, извршил пребарување.
Притоа одзел фискална каса, апарат за дополнување кредити за мобилни телефони од операторите Телеком, Оне и Вип, читач за уплата на игри на среќа „Ново лото“, монитор за видео надзор, разни чоколади, цигари и денари во различни апоени. По направениот записник констатирано е дека со кражбата е причинета материјална штета во износ од 89.350 денари.
По откривањето на осомничениот и поднесувањето на пријавата од страна на полицијата, тој ќе треба постапката да ја објаснува пред судските органи.
Т. Ајтовски