10.12.2105 Општина Кочани планира да го уредува коритото на Кочанска Река, на потегот на кој таа протекува низ централното градско подрачје и во непосредна близина на градот.
Засега станува збор само за идеја, за која се бара конкретно идејно-архитектонско решение од стручни лица од земјата и странство. Локалната самоуправа веќе распиша и конкурс според кој рокот за пријавување на заинтересираните трае до средината на јануари идната година.
Се работи за уредување на речното корито во должина од околу 4 километри, за што според првиот човек на Општината, треба да се посвети поголеми внимание во комуналното уредување.
- Значи, почнувајќи од кај стариот базен, односно погоре кај воденицата, па до заобиколниот пат. И може да се дадат конкретни предлози, затоа што тој конкурс е јавен го имаме и на нашата веб-страница, распишан е и во дневните весници, даден е и на факултетите, како јавен, меѓународен, има поширок третман, рече Ратко Димитровски, градоначалник на Општина Кочани.
При изработката на идејното решение за уредување на речното корито се бара да бидат исполнети неколку предуслови меѓу кои оригиналност ан концептот и негова изводливост и одржливост. Исто така, треба да се почитува определбата за современ третман на просторот и економичност на решението. Пристигнатите предлози ќе ги оценува петчлена жири комисија од вработени во општинската адмнинистрација.
За трите најуспешни идејни решенија се предвидени и парични награди при што првата е во износ од 62.000, втората 37.000 и третата награда е 25.000 денари.
Ова е втор конкурс што Општина Кочани го објавува за комунално уредување на простор во градот. Пред околу две години, исто така со јавна објава, се бараше идејно-архитектонско решение за градскиот плоштад, која на крајот заврши неславно. Тогаш пристигнатите предлози не ги задоволија замислите на одговорните во Општината, па наместо прва и втора, се доделија само две трети награди .За средувањето на плоштадот беше речено дека ќе се реазлизира во подобри времиња.
Т. Ајтовски