16.12.2015 Семејството Стоилови од Мородвис се обвиени во тага и збунети по трагедијата што ги снајде откако нивната тригодишна ќерка Мила починала во вторникот изутрина, само неколку часа откако здравствената состојба сериозно и се влошила.
Родителите велат дека девојчето претходно имало мала настинка, поради што побарале лекарска помош во Кочани. Ни не очекувале дека работите ќе се искомплицираат затоа што нивната ќерка не покажувала посериозни здравствени проблеми, па се надевале дека по прегледот тaа ќе се чувствува подобро.
- На 14 декември приквечер, во 18 часот, малата имаше покачена температуира и ја однесовме во приватна ординација да ја прегледаме. Детето си беше свежо и си одеше сама. Докторката ја прегледа и утврди дека грлото е воспалено и препиша сируп. Слегов во аптеката и го купив. Потоа дојдов дома и го дадов сирупот и потоа настанаа проблеми, рече Горан Стоилов, татко на починатото девојче.
Првите посериозни проблеми се појавиле во текот на вечерта, при што девојчето добило грчеви и почнало да повраќа.
- Ноќта бев трета смена на работа, некаде после 1 часот настанале проблемите, грчеви, повраќање, до сабајлето. Во 6 - 6,30 часот жената ми се јави, детето е во критична состојба. Веднаш му се јавив на комшијата кој живее зад мене, го качиле во кола и ги пречекав на Итната помош. Меѓутоа, веќе беше доцна, детето беше починато, додава таткото на девојчето.
Таткото на починатото девојче се сомнева дека причина за нејзината смрт е лекарска грешка, но не може да го докаже тоа затоа што нема пари да ја плати обдукцијата.
- Ми објаснија дека сето тоа спаѓа на терет на родителот. Прашав колку пари тоа ќе ме чини, чинело од 60 до 70 илјади денари. А детето претходно немаше никакви проблеми, цела година не е носена на лекар, не знае што е лекарство, со еден сируп загина нашата сакана Мила, рече Стоилов.
Во кочанската Општа болница рекоа дека се работи за стандардна процедура за обдукцијата, при што неопходно е по барање на оштетените тие да ги платат трошоците.
И роднините и соседите на Стоилови бараат одговор за причината за смртта на малото девојче.
- Која е всушност причината што детето умрело, затоа што ситуацијата беше едноставна, сируп еден обичен за настинка дадоа, а детото умре. Мене во кола ми умре детето, рече Александар Јаневски, сосед на Стоилови.
Од приватната лекарска ординација која го прегледала девојчето велат дека и тие сакаат да ја знаат вистинската причина за смртта, сомневајќи се дека препишаниот лек “алмацин“ довел до влошување на здравствената состојба, затоа што во здравстената книшка немало наведена можна алергиска реакција на лекот.
Сепак, семејството Стоилови кои имаа 4 деца, а мајката повторно е бремена, не се откажуваат од дознавањето на вистината, за што велат дека ќе ја бараат и на суд.
Т. Ајтовски