28.12.2015 Под гнилите греди што се срушиле од старата семејна куќа во кочанската населба Оризари, останал затрупан двегодишниот Андреј. Тој со своето постаро братче се обидел да донесе дрва за огрев, но во еден момент кровот попуштил и со себе повлекол камења и земја од блискиот ѕид.
Соседите го слушнале силниот тресок и се обиделе заедно со родителите да го извлечат, но спасувањето траело цел час што било кобно за детето.
- Детето од под урнатините од страна на родителите и со помош на соседите е извадено, по што е однесено во Здравствениот дом во Кочани, каде за жал е констатирана смрт, рече Гордана Панајотова, портпарол на СВР – Штип.
Семејството на двегодишното дете живее во лоши социјални услови. Соседите велат дека родителите кои се со лесна психичка попреченост имале три деца, но не добиваат никава помош.
- Треба малку тие институции да помогнат, три години се веќе без струја, тоа е срамота. Значи, за трето дете можат сите да земаат, а тие не можат, дали некој тие пари ги зема, дали тие не знаат тоа да го направат, некој треба да го реши тој проблем, рече сосед на семејството.
Родителите и блиските на семејството се надеваат дека државата ќе им помогне да набават огрев и да ја преживеат зимата. Дотогаш надвиснатите греди и понатаму се потенцијална опасност што ги загрозува дечињата кои безгрижно си играат во близина.
Т. Ајтовски