04.01.2016 Среде бел ден ограбена златарница во центарот на Кочани. За полицијата се уште непознатиот сторител на 4 јануари околу 11 часот влегол во дуќанот вооружен со пиштол и покриен со капа и шал и почнал да ја удира вработената по главата, закануваjќи се дека ќе ја убие.
И нанел три силни удари по главата по што го собрал најтешкото и највредното злато од дуќанот, испразнил четири кутии со злато, а потоа се упатил и кон излогот каде што го испразнил и изложеното злато и избегал.
Вработената која била нападната веднаш била префрлена во Итната медицинска помош во кочанската болница од каде што дежурниот лекар не информираше дека заради повредите на главата и преплашена е задржана на лекување за понатамошни испитувања.
Моментално се наоѓа во стабилна состојба и е надвор од животна опасност.
Во разговор со сопствениците на дуќанот рекоа дека чудно е како сред бел ден да влезе вооружен напаѓач и да ограби дуќан, кога местото е доста фреквентно и има раздвиженост во 11 часот претпладне. Одредени луѓе го виделе но рекоа дека не можел да се препознае идентитетот на напаѓачот заради тоа што од капата и шалот лицето му било покриено.
Настанот веднаш бил пријавен во полиција. До затворање на вестите на Канал 8 се уште се работи на пронаоѓање на сторителот како и на проценка на украдениот накит, изјави Гордана Панајотова, портпарол на СВР Штип.
Т. Велкова