08.01.2015 Зголемениот доток на вода од Мала и Голема Река што од почетокот на неделата константно растеше ја преполни акумулацијата “Гратче“.
Според мерењата на одговорните во водостопанство “Брегалница“ нивото е на максимална кота и неколку дена е на прелевање. Сепак, од изутрината е регистрирана тенденција на опаѓање.
Релативно повисоките дневни температури, кои во изминатите денови достигнаа и 10 степени над нулата, предизвикаа топење на снегот на падините на Осоговијата и пораст на количините вода во двете реки кои ја полнат акумулацијата. Во четвртокот бил измерен доток од 5 метри кубни што е максимална количина до сега, а од изутрината е регистрирано намалување за половина.
Во текот на денот преку главниот вентил се испушташе по 1,5 метар кубен, додека преку преливниот дел истекуваат уште по околу 1,3 метри кубни вода. Доколку продолжи намалувањето на дотокот во наредните денови, спо сегашната динамика на испуштање преливот ќе престане и ќе се постигне стабилизирање на акумулираната количина.
Слично како и “Гратче“, и кај акумулацијата “Калиманци“ имаше зголемен доток на вода, при што во изминатите денови е регистрирано покачување на нивото за околу 8 сантиметри. Сепак, од Водостопанство “Брегалница“ велат дека тоа е нормална состојба за овој период од годината и се уште има големи резерви за прием на дополнителни количини во наредниот период.
Т. Ајтовски