11.01.2016 Изминатиот викенд крадците во Кочани не мируваа, а нивна мета најчесто беа трговските дуќани. Највреден плен имале во продавницата “Фреш маркет“ на улицата “Браќа Ставреви“ во централното градско подрачје.
Непознатиот сторител не го поколебало тоа што дуќанот е лоциран на прометно место и што во близина се нааоѓаат институции кои имаат ноќно дежурство, па околу 5 часот изутрината успеал да ги искрши катанците, да ја отклучи влезната врата и да влезе внатре.
Безбедносните камери поставени во продавницата успеале да го снимат провалникот, но и тоа за него не било пречка да ја реализира намерата со оглед што на главата нисел капа, а на лицето имал маска.
Од снимките се гледа дека најпримамливи за него биле цигарите, при што имал време дури да ги пробира оние брендови што се со повисока цена. Исто така, од касата украл и околу пет илјади денари, сума што останала од дневниот пазар претходниот ден.
Кражбата први ја забележале вработените, при што необично за нив било што катанците од влезната врата недостасувале, а бравата на вратата била заклучена. Случајот веднаш бил пријавен во полиција, по што службени лица направиле увид на лице место. Подоцна катанците биле пронајдени десетина метри подалеку од дуќанот, а анализата на снимките треба да помогне во расчистувањето на кражбата.
Од “Компанија Моневи“ која е сопственик на продавницата рекоа дека за неколку дена ова е трета ограбување на нивен дуќан, па од надлежните очекуваат посериозен ангажман во откривањето на сторителите.
Инаку, освен оваа продавница, викендов биле ограбени и бутици во централното подрачје на Кочани, а кражби се регистрирани и во неколку домови, чии сопственици најчесто се наоѓаат на работа во странство.
Дрска кражба минатиот понеделник се случи сред бел ден во златарски дуќан, при што крадецот со пиштол и се заканувал на продавачката, а потоа и ја нападнал, по што украл поголема количина златен накит.
Т. Ајтовски