14.01.2016 Возачот на патничко моторно марка “хјундаи“ со пробиштипски регистерски таблички се здобил со телесни повреди при судир со камион “волво“ со велешки таблички што се движел на патниот правец Кочани – Штип.
Сообраќајната несреќа се случи во средата околу 20.30 часот на приклучокот кон Тркање, во моментот кога лицето кое го управувало автомобилот излегувало од селото при што му го пресекло движењето на камионот.
Притоа дошло до директен судир во кој патничкото возило било исфрлено од десната страна на коловозот, а на камионот му бил оштетен системот за кочење, при што успеал да запре точно на Тркански мост.
Возачот на автомобилот бил однесен на Итната медицинска помош во Кочани, а оттаму поради сериозноста на повредите е префрлен во болницата во Штип. Поради оштетувањата на камионот кој блокираше дел од патот, како и поради увидот во несреќата, сообраќајот беше во прекин повеќе од два часа, а и потоа се одвиваше отежнато поради искршеното стакло и остатоците од оштетените возила на коловозот.
Уште една сообраќајна несреќа се случила половина час по полноќ на патот Кочани – Делчево, во близина на браната Калиманци. Според иформациите од СВР кај месноста Потпорен ѕид излетало патничко моторно возило со штипски регистерски таблички. При падот со потешки повреди се здобиле возачот и совозачот, кои по укажаната итна помош, се префрлени во штипската болница.
Неофицијално, причина за несреќата е неприлагодената брзина на автомобилот според условите на патот.
Т. Ајтовски