19.01.2016 28-годишниот Далибор Стојанов од Кочани успеа меѓу 48-те пријавени момчиња прв да стигне до крстот во водите на Кочанска Река по повод празникот Богојавление - Водици.
Десет пати до сега се пријавува за овој чин и конечно упорноста му се исплати, па му се насмеа среќата да го фати Светиот крст. Најсреќниот Стојанов со неговите другари според обичајот ќе ги посетат семејствата во градот, кои го даруваат крстот со пари за здравје и среќа.
Тој пред сите присутни ја даде христијанската заклетва и посака Бог да му дари здравје на него и неговите најблиски.
- Многу сум среќен што го фатив крстот. Ова е десетта година по ред како се фрлам по крстот и конечно се најде во моите раце. Најголема желба ми е Бог да ни даде здравје на мене и моето семејство, рече Далибор Стојанов.
Празнувањето на верскиот празник Водици во Кочани е еден од најмасовните црковно - верски манифестации. Тоа беше потврдено и годинава кога покрај кејот на кочанска река присуствуваа голем број верници. Чинот на потопување на Светиот крст и осветување на водата го изврши Митрополитот Брегалнички Иларион со свештеници од Брегалничката епархија.
- Бог се јави, честит и вечен празникот, Господ Семилостивиот нека дарува мир и благосостојба на сите луѓе, во татковината наша и во целиот свет. Овој е голем празник, празник кој што Светата Црква го празнува и слави во чест на кршевањето на Христа на Јордан од Јован заради нас и нашето спасение. Традиционално и во вековите наназад еве и денеска повторно Светиот крст се фрли во кочанскиот Јордан каде што ова младо момче го фати и го извади од водите. Се надеваме дека Бог ќе му подари здравје, мир и благосостојба и годината што настапува ќе му биде благопријатна и благословена, рече г. Иларион, митрополит Брегалнички.
Годинава чинот на потопување на крстот помина без многу награди за момчето кое го фати. Причината е да не бидат наградите повод да се пријавуваат момчињата за скокање, туку верата во Бог. Од градоначалникот Ратко Димитровски доби златник, а од кочанскиот храм Свето писмо Библија.
-С акам во оваа прилика на сите наши сограѓани од православна вероисповед да им го честитам големиот празник Богојавление. Сакам да ги поздравам и сите што се тука, што ја продолжуваме оваа традиција и што го негуваме и одржуваме христијанството, а посебно на оние кои што го слават овој ден како куќна слава и именден, како и на момчето што го фати крстот му посакувам многу здравје, среќа и успеси во новото лето Господово, рече Ратко Димитровски, градоначалник на Општина Кочани.
Пред одржување на чинот на потопување на честниот крст во храмот „Св. Вмч Ѓорги“ се одржа Света Божествена литургија по што со свечена литија верниците и свештениците се упатија кон мостот во паркот каде се потопуваше крстот. Успешно помина и лицитацијата на иконите и крстот кој беше продаден по цена од 11.000 денари, а го купи претседател на советот на Општина Кочани, Јордан Димитров. Оние кои ги купија иконите ќе ги чуваат во своите домови 40 дена за здравје по што ќе бидат вратени во црквата.
Празникот Богојавление е поврзан со крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од Свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител, а фаќањето на крстот означува соединување на човекот со Христа. Тој важи за еден од најголемите христијански празници.
Т. Велкова