19.01.2016 Голем број верници се собраа да го проследат потопувањето на крстот и осветувањето на водите на Зрновска Река во Општина Зрновци.
Од шестмината пријавени годинава крстот отиде во рацете на 18-годишниот Николчо Митев од Зрновци кој втор пат по ред го фаќа крстот во ова општина.
- Четврти пат се фрлам по крстот и втор пат го фаќам. Многу сум среќен и им посакувам на сите граѓани многу здравје и среќа и секоја година да ја посетуваат манифестацијата за да продолжи традицијата, рече Николчо Митев.
- Еве денеска осветувајќи ги водите на Зрновска Река ја продолжуваме традицијата на нашите верници. Посветуваме внимание на покајанието како и на споделување на љубов и топлина меѓу луѓето. На сите граѓани од Општина Зрновци им го честитам големиот христијански празник Водици, рече Блаже Станков, градоначалник на Општина Зрновци.
Од градоначалникот Станков и од тамошниот храм „Св. Димитриј“, каде што утрово се одржа Света литургија, најсреќниот Митев доби подароци, а градоначалникот и свештеникот му го честитаа фаќањето на крстот и му посакаа да го следи благодат и среќа во текот на целата година.
Т. Велкова