17.02.2016 Љубителите на фотографирањето имаат можност своите фотографии на кои главен мотив се штрковите да ги испратат на меѓународен конкурс што се организира во рамки на мрежата на Европски села на штрковите.
Општината Чешиново – Облешево која е дел од мрежата се приклучи кон организацијата на натпреварот со тоа што упати повик до заинтересираните да испратат свои дела за 17-от фото натпревар за неделата на штрковите.
Организатор на конкурсот е шпанскиот град Малпартида де Какерес кој за најдобритре три фотографии ќе додели 1.200 евра како прва награда, за втората 600 евра и за третата награда 400 евра.
На натпреварот може да учествува секој аматерски или професионален фотограф кој што е автор на фотографијата и ги има соодветните права над неа. Темата е “Бел штрк“, а секој автор може да учествува со максимум 2 фотографии во црно-бела техника или во боја, при што фотографиите треба да бидат испратени одделно. Фотографии кои се со дигитално подобрување, кај кои има манипулација со боите, пресликување или фотомонтажа не се прифаќаат. Како додаток на испратениот материјал треба да се достават лични податоци на авторот и име на фотографијата во кое треба да е вклучено и името на авторот.
Пријавувањето е преку електорнска пошта на адресата: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. , по што ќе биде испратен потврден меил кога ќе биде примен материјалот. Фотографиите треба да бидат испратени најдоцна до 4 март, а доделувањето на наградите ќе биде на 16 април во градот Малпартида де Какерес, при што присуството за добитниците на наградите е задолжително.
Според анализите на Македонското еколошко друштво, Општината Чешиново-Облешево има една од најголемите популации на штркови во Македонија. Досега се регистриани над 70 гнезда во околните села, при што во Чешиново е забележано најголемото штрково гнездо во Македонија.
Т. Ајтовски