24.02.2016 Дарко Ристов, досегашниот претседател на Основниот суд во Кочани е реизбран на функцијата. Со одлука на Судскиот совет на Макеоднија, тој и во наредните четири години ќе биде на чело на судската институција што е надлежна за општините од микрорегионот.
Повторниот избор на Ристов се случува на околу два месеци пред истекот на претходниот мандат, откако кон крајот на минатиот месец беше објавен оглас за избор на претсдетели на судовите во Кочани, Дебар, Охрид и Гостивар.
Во образложението на Судскиот совет за изборот стои дека предвид била земена досегашната работа и постигањата на пријавените кандидати. Притоа се користени меѓународните стандарди што се засноваат на резултати и заслуги, преку примена на објективни критериуми од мерит системот, а кои преку т.н. АКМИС-систем биле оценети со највисока позитивна оценка. Тоа значи дека при донесувањето на конечната одлука бил разгледуван бројот на решени судски предмети, евентуалните поплаки за работата и податоците од психолошкиот и тестот за интегритет.
За претседател на Основниот суд во Кочани, Дарко Ристов за прв пат беше избран во март 2012 година, од местото судија во истиот суд, каде работел на предмети од стечајната област, стопански и граѓански предмети, а постапувал и како пратечки судија во Кривичниот совет.
Т. Ајтовски