25.02.2016 Позитивен одговор доби барањето на жителите на општина Чешиново-Облешево да се предвиди изградба на клучка на новиот експресен пат Штип – Кочани што ќе поминува во близина на нивните населени места. Со тоа ќе се обезбеди пократко и полесно приклучување на возилата од овој регион на сообраќајницата, без да заобиколуваат неколку километри подалеку на соседните крстосници.
На последната јавна расправа на која се разговараше за експропријација на земјоделското земјиште, беше потврдено дека наместо три, на новиот експресен пат ќе има четири клучки, вклучувајќи ја и таа кај селото Спанчево.
- На оваа делница имаме кај технолошко-индустриската зона Штип, и една во близина на селото Крупиште. Потоа, има кај селото Спанчево, именувана како јазол Спанчево, таму по инсистирање на месното население се предвиде нова крстосница и една е на постоечкиот јазол кај Кочани, рече Бошко Цилаков, претставник од проектанската фирма „Чакар партнерс“ - Скопје
Првичното планско решение предвидуваше за жителите на Чешиново-Облешево ваква сообраќајна врска да има само кај железничката станица Ванчо Прке во близина на селото Крупиште. Токму тоа беше причината од Локалната самоуправа да побараат вметнување уште една клучка, а реагирањата беа пренесени уште на јавната расправа што се одржа на крајот на минатата година. Тогаш градоначлникот Личков излезе со аргументи за кои рече дека треба да придонесат проектантите да направат измена во планските документи и да ја вклучат новата клучка.
- Видовте и сами, и граѓаните и бизнис секторот, имаме доста фирми што гравитираат кон овој пат, неколку оризови фабрики, мелници, рудник, геотермални води. Со оглед што ги има двете клучки, едната кај Кочани, а другата кај Пробиштип, општината Чешиново-Облешево која најмногу зафаќа од овој експресен пат гледаме дека нема пристап до експресниот пат, треба да заобиколуваме по 25 километри, а самиот пат минува до нас на 4 километри. Со ова мислам дека ќе успееме да добиеме една клучка и на сите граѓани да им ги задоволиме потребите, рече Костадин Личков, градоначалник на Општина Чешиново-Облешево.
Локацијата каде што ќе поминува новиот експресен патен правец Штип – Кочани беше избрана како најповолна од повеќе аспекти, како што се помалите финансиски трошоци, заштитата на животната средина и зголемена безбедност за месното население во однос на сегашната траса што поминува низ неколку населени места.
Според планирањата за оваа сообраќајница би требало да се потрошат околу 70 милиони евра, а ќе се користат средства од Европската банка за обнова и развој.
Т. Ајтовски