07.03.2016 Кршењето и крадењето на крстовите во православните гробишта во Кочани предизвика немир меѓу жителите, роднини на починатите.
Крстовите се украдени на повеќе од 90% од гробовите кај новиот дел на гробиштата, а луѓето забележале непосредно пред Задушница, кога отишле да ги исчистат гробовите.
Вознемирени се затоа што довербата се губи меѓу луѓето, досега освен крадење на цвеќињата поголеми инциденти немало, но сегашниот проблем многу ги вознемири граѓаните од кои некои и ги виделе сторителите на делото. Бидејќи ги искршиле, се претпоставува дека ги крадат за огрев. Освен болката за своите починати, сега на граѓаните ситуацијата дополнително и финансиски им е отежната.
- Прво што приметив кога дојдов на гробиштата е тоа дека беше се расфрлано и го немаше крстот. Забележав дека крстовите ги нема на повеќе од 90% од гробовите во овој дел и луѓето рекоа дека дури и ги виделе лицата кои го сториле тоа и дека ги скршиле и ги ставиле во вреќа. Претпоставуваме дека тоа го сториле заради огрев оти тие денови беше и многу ладно, рече Силвана Донева од Кочани.
Граѓаните повикуваат на поголема одговорност на службите во КЈП „Водовод“.
- Сакам да упатам апел до службите во КЈП „Водовод“ или до Општина Кочани да се преземе нешто, оти ова е еден вид сквернавење на гробиштата и многу чувствителна тема за нас оти болката кај нас уште трае и многу сме вознемирени оти ги нема крстовите како симбол на православната вера. Ние уредно си плаќаме за одржување на гробиштата и влез кога ќе почине некој и сега сме погодени од овој момент оти повеќе е чувствителна темата отколку да се гледа од финансиски аспект, додава Донева.
Директорот на КЈП „Водовод“, Љупчо Папазов рече дека имаат поставено стражарска служба кај стопански двор непосредно до гробиштата и дека ова не е прв пат да се случуваат немили настани затоа што повеќе пати се кршени и надгробните споменици на починатите каде што службата ги има фатено сторителите. И за ова ќе преземат посериозни чекори да се зачуваат гробовите.
Т. Велкова