08.03.2016 Јапонската влада ќе го помогне реновирањето на зградата на подрачното основно училиште “Св. Кирил и Методиј“ во Горни Подлог за што веќе одобри неповратен грант во висина од 70.479 евра.
Помошта е дел од меѓународната програма „Грант помош за поддршка на мали проекти“ со која се финансираат вкупно пет проекти во Македонија.
Два од нив се однесуваат на реновирање на објекти во населените места што претрпеа штети нанесени од поплавите во 2015 година, а кај останатите проекти се обезбедува помош за моменталната бегалска, односно мигрантска криза.
Потпишувањето на договорот за одобрување на средствата се реализираше во Јапонската канцеларија за врски во Скопје, по што Локалната самоуправа како носител на проектот, ќе ги преземе активностите за избор на изведувач и реалзиација на градежните работи.
Поради штетата, во училишната зграда во Горни Подлог има провев и е студено во текот на зимскиот период, а влагата е значително проширена и претставува опасност по здравјето на учениците и вработените.
На последната седница на Советот на Општина Кочани, беше дадено кратко образложение за проектот, односно што е планирано да биде опфатено со реконструкцијата.
- За проектот “Санација на училиштето во с. Горни Подлог“, проектот се однесува на реновирање на училиштето, односно замена на кровот, фасада, прозорци и делумна обнова на подот, рече Елена Димитровска од Секторот за планирање и развој на Општина Кочани.
Училиштето во Горни Подлог е изградено пред 50 години, а во изминатиот период само еднаш имало градежни зафати за доградба и извесна реконструкција. Се работи за објект во кое настава од 1 до 9 одделение следат 130 деца од ова и соседните села Мојанци и Долни Подлог. Училиштето има потреба од реновирање откако беше погодено од поплавите во февруари 2015 година.
Инаку, покрај Кочани, грантови за своите проекти добиваат и општините Берово, Куманово, Свети Николе и Кривогаштани, за што владата на Јапонија доделува вкупна помош од 302 илјади евра.
Т. Ајтовски