11.03.2016 6 деца од Виница во рок од една недела биле хоспитализирани заради појава на бактеријата салмонела со симптоми на пролив, повраќање и висока температура.
Децата се на возраст од една до 8 години и имаат труење со храна. Дел од нив биле задржани на Инфективното одделение во Штип, а некои во Скопје, но според надлежните, изворот не е од едно место.
- Заклучно со 10 март имаме пристигнато 6 случаи на салмонела во нашата служба во Виница. Некои од заболените деца се испратени на Инфективно во Штип. Состојбата е стабилна со сите заболени и тие се под лекарски надзор и во добра состојба, рече Горан Николов, епидемиолог во Епидемиолошката служба во Виница.
Три од децата кои биле хоспитализирани одат во градинка и веднаш се преземени мерки со контролни прегледи и брисеви, како и мостри од храна. Упатени се и препораки за подигнување на хигиената на повисоко ниво во објектите.
Од вчера на Инфективното одделение во Штип се пријавени уште нови тројца пациенти од Виница со исти симптоми, но салмонела не е изолирана.
Т. Велкова