25.03.2016 По несреќен случај од пред околу две ипол години, 42-годишниот Бранко Јаневски од Спанчево се здобил со тешка телесна повреда по која останал неподвижен во долните екстремитети.
Проблемот со инвалидитетот не е единствената мака со која овој семеен човек се среќава секојдневно.
Пристапот до неговиот дом е отежнат поради дупките и камењата на улицата, па наместо со возило, полесно се стигнува пеш, за што Јаневски вели дека за него е невозможна мисија. Затоа бара Локалната самоуправа на Чешиново-Облешево да помогне во подрамнувањето и тампонирањето на коловозот.
- Приодот е катастрофа, патот околу 500 метри, сте виделе, катастрофа е. Снег кога ќе падне, кола никако не доаѓа, дожд кога ќе падне е исто. Имаше двајца таксисти, пријатели, кои доаѓаа по мене за да ме земат, одоздола е камен и им ги удира колите, и не може никаква кола, апсолутно, да дојде по мене. Зимата од Општината го ископаа патот за да го прават, ништо од тоа. До вадата доаѓа колата, а наваму двајца во раце ме носеа 100 метри до дома, рече Бранко Јаневски, жител на Спанчево.
Поддршка за своето барање Јаневски добива и од соселаните кои преку Месната заедница поднеле и писмена петиција за да се поправи на улицата, затоа што во сегашната состојба комуналците одбегнувале да му го собираат и комуналниот отпад.
- Барам ако нема шанси да се асфалтира, барем да се тампонира, и да се санира водата, оти кога ќе дојде водата од ридот, целата е по патот. Да се санира во шахти и да се спроведе во долот, има тука дол зад куќата. Патот да се санира, по ѓубрето да доаѓаат, канта да ми донесат, да дојде утре кола по мене, да ме земе, да ме однесе. Ќе фати снег, кој ќе дојде, немам јас луѓе овде за да дојдат и да ме носат во раце, морам да имам пат, добар, за да дојде каква било кола. Ниска кола која и да дошла, секоја закачила, додава Јаневски.
По повредата останал неспособен за работа, па го изгубил и работното место. Подоцна дознал дека четири години не му бил платен и стажот поради што не ќе може да го оствари правото некогаш да земе пензија.
- Во печатницата “Европа 92“ работев четири години, немам ни еден ден стаж. Они ми бараат 12 години минимум за пензија и 45 години старост, а јас тоа го немам. Не сум способен за работа, и никогаш нема да можам пензија да земам, вели Јаневски.
Невработена е и неговата сопруга, а со оглед дека до средината на оваа година му истекува и боледувањето, ќе остане без финансиски примања за набавка на скапите лекарства, што му се неопходни за одржување на здравствената состојба.
Сепак, и покрај инвалидноста, Јаневски е полн со енергија и оптимизам, па не се откажува од барањето Општината со минимални средства да помогне барем да се поправи улицата до неговата куќа за полесно да оди на лекар или за други потреби.
Т. Ајтовски