29.03.2016 Четворица повредени од кои двајца потешко е билансот од успешно спроведената тактичко-показна вежба „Симулација на земјотрес“ и евакуирањето на учениците и вработените при елементарни непогоди.
Истата е дел од наставната програма на учениците и проверка на училиштето и персоналот за организирање и планско постапување во случај на итна ситуација и нивниот капацитет за спроведување на оперативните мерки и активности.
Освен Црвениот крст, брзо реагираа и противпожарната служба, итната медицинска помош и полицијата така што децата и повредените беа брзо евакуирани.
- Во 10.35 часот примивме дојава од директорката на училиштето дека има повредени од земјотресот. Веднаш пристапивме со две противпожарни возила и 8 пожарникари и ги евакуиравме лицата, така што вежбата траеше десетина минути, рече Горан Ѓорѓиев, командир на одделение од ТППЕ - Кочани.
-Самиот земјотрес зафати четири лица кои што беа повредени. Повредите беа од типот исекотина на потколеница, скршеница на подлактица, лице со клиничка смрт и паничен напад на еден професор со мали гребнатинки, рече Илија Гаврилов, волонтер во Црвен крст - Кочани.
На крајот вежбата беше оценета како доста успешна и беше заклучено дека училиштето и службите се подготвени при вакви и слични ситуации.
-Можам да констатирам дека тактичко показната вежба е успешна и сакам да се заблагодарам на сите што дадоа поддршка во реализација на вежбата. Оваа акција е од исклучителна важност за нас бидејќи безбедноста на учениците и на вработените во училиштето е на прво место, рече Олга Минова, директор на ОУ „Синиша Стоилов Зрновци.
Тактичко-показната вежба е дел од заедничките проектни активности на Министерството за образование и наука, Општината Зрновци, Противпожарната единица на Кочани, Црвениот крст и Полицијата за подигнување на подготвеноста на учениците и персоналот за справување со елементарни непогоди.
Т. Велкова