04.04.2016 Градоначалникот Димитровски сака да ја промени одлуката што членовите на Советот на Општина Кочани ја донесоа на претходната седница, а со која Локалната самоуправа беше задолжена да спроведе независна ревизија на финансиското работење на две основни и едно средно училиште.
Таков е ставот на Општинската организација на СДСМ од Кочани изнесен на прес-конференцијата на која беше речено дека предлог-решението што го доставил првиот човек на Општината значи мешање во работата на советниците.
- Одлуката беше донесена затоа што во извештаите што ги поднесоа директорите на училиштата прикажани се огромни долгови во износи од 100.000 до неверојатни 500.000 евра по училиште, или во вкупен износ од околу 780.000 евра. Градоначалникот до сега не ја потпишал донесената одлука за ревизија, а со решението што го предлага, тој директно се меша во работата на Советот на Општина Кочани. Притоа, дава конфузно образложение дека одлуката била спротивна на законите, без да наведе во што се состои незаконитоста, и правдајќи се дека во Буџетот на Општина Кочани нема планирано средства за оваа намена, со што настојува да ја избегне ревизијата, рече Сашко Костов, претседател на Општинската органзиација на СДСМ – Кочани.
Кочанските социјалдемократи прашаа дали со предлог-решението на градоначалникот се прави обид за прикривање на реалната финансиска состојба во училиштата.
- Го повикуваме градоначалникот Димитровски, да им одговори на граѓаните на општина Кочани кои се вистинските мотиви и причини за спречување на ревизијата? Дали свесно се обидува да се прикрие незаконито и криминално работење на раководните структури во овие училишта кои се именувани од негова страна? Ги известуваме граѓаните дека советниците од СДСМ ќе останат на своите ставови од претходната седница и ќе гласаат против предлог-решението на градоначалникот Димитровски, додаде Костов.
На прес-конференцијата Костов ги повика и советниците кои веќе гласале да се донесе одлука за спроведување на ревизија на финасиското работење на училиштата да останат доследни на своите ставови. Тој рече дека повикот се однесува и до советниците од останатите политички партии, затоа што тие не треба да гласаат за нечиј личен интерес, туку за заштита на интересите на граѓаните.
Предлог-решението од градоначалникот ќе се разгледува на седницата на Советот што е закажана за вторник.
Т. Ајтовски