20.04.2016 Со повиците “Нема правда – нема мир“, “Не ве амнестираме“ и “Оставка“ граѓани од Кочани подрржувачи на здружението “Протестирам“ се придружија на протестите во државата против одлуката на претседателот Иванов за аболиција.
Своето незадоволство тие го изразија со марш по улиците на Кочани, при што им се придружија и граѓани кои им даваат поддршка на нивните барања.
На крајот граѓаните кои протестираа се собраа пред паркингот на Трговскиот центар каде зборуваа неколкумина активисти кои ја пренесоа пораката зошто го организираат протестот и кои се барањата од него.
- Овде сме за да го изразиме нашето незадоволство од досегашното владеење на власта и притоа да побараме повлекување на одлуката за аболиција на досегашните криминалци што ја даде претседателот Иванов, а исто така да побараме негова оставка, како и дека сметаме оти не се созреани условите за одржување фер и демократски избори, рече Викторија Тасева, граѓански активист.
- Ние даваме целосна поддршка на Специјалното јавно обвинителство, ги охрабруваме да се решат уште похрабро и порешително да ја спроведат правдата во Република Македонија, затоа што правдата е спора, но секогаш доаѓа, рече Венко Крстевски граѓански активист.
Организаторите на протестот најавија дека ќе продолжат со собирите, бидејќи имале најава за уште поголем одзив од граѓаните.
Во меѓувреме на градскиот плоштад во Кочани засебен протест организираше Граѓанското движење за одбрана на Македонија, на кој пред граѓаните зборуваа неговите членови Александар Даштевски и Александар Пандов.
- Да испратиме јасна порака и до македонската и до меѓународната јавност дека на македонскиот народ му е јасна политичката криза, свесен е кој ја има предизвикано и уште најважното е дека единствен излез од оваа политичка криза се избори на 5 јуни. Затоа што гледаме дека кај Зроан Заев и кај СДСМ постои располежение да не излегуваат на избори, ние сакаме јасна порака да испратиме и до него да види дека на македонскиот народ му е дојдено преку глава и дека сака оваа политичка криза да ја расчисти со избори на 5 јуни, рече Александар Пандов, член на ГДОМ.
Иако двата собири се организираа истовремено, но на различни локации, тие поминаа во мирна атмосфера.
T. Ајтовски