20.04.2016 На регионалните хорски смотри училишниот хор и оркестарот од ОУ “Св. Кирил и Методиј“ од Кочани ја освоија првата награда и по многу години хорот се стекна со можност да учествува на државен натпревар.
Тоа е едно од постигањата на учениците од ова училиште што го остварија во текот на овој месец, во кој учествуваа на регионални и државни натпревари во повеќе области.
Сепак, успехот на младите хористи е за пофалба со оглед што конкуренцијата на регионалниот натпревар била солидна, а според покажаниот кавлитет, може да се очекува добар успех и на републичкиот натпревар.
- На овој настан имаше осум учесници основни училишта од општина Кочани и регионот, ние настапивме со две композиции од кои едната беше задолжителна. Настапивме во првата дициплина, значи беа тригласни композициите. Имаме 55 члена во хорот, а во оркестарот броиме 15 члена и настапивме исто така во првата дисциплина каде едната композиција беше задолжителна. Со бодовите од хорот овозможивме пласман и на државен натпревар во Кавадарци, се надеваме ќе се одржи во средината на мај, рече Жаклина Јорданова Стојчевска, професор по музика.
Јорданова Стојчевска додаде дека посебно задоволство за неа е тоа што ова е нејзина прва генерација во училиштето и веќе постигнала одличен успех со учениците.
Освен во музиката, нашето училиште постигна одлични резултати и на државниот натпрвар за млади иноватори што се одржа во Штип.
- Јас сум Давид Јакимов, од ОУ “Св. Кирил и Методиј“ и учествував на натпреварот за млади техничари и иноватори во дисциплината сообраќајно моделарство. Изработував модел на автомобил кој се придвижува со помош на батериски извор за напојување и благодарение на менторот Сузана Анева освоив прво место, рече Давид Јакимов, победник на Државниот натпревар за млади иноватори.
- Имаше доста голем број ученици, конкуренцијата беше доста јака, на натпреварот учествуваа околу 150 ученика така што многу сум среќна и сакам да изразам огромна благодарност до Давид Јакимов кој и покрај толку големата конкуренција успеа да го освои првото место на натпреварот млади иноватори и техничари, рече Сузана Анева, ментор на Давид Јакимов.
Покрај успехот на натпреварот на млади иноватори и техничари учениците од ОУ “Св. Кирил и Методиј“ постигнаа одлични резултати и се стекнааа со право за учество на државните натпревари по математика, физика, природни науки и биологија, географија и спелување на англиски јазик.
Т. Ајтовски