03.05.2016 Пред најголемиот христијански празник Велигден, во Кочани се појави јајце со ликот на Богородица. Kокошка во кокошарникот на Ангелчо Стаменков од Кочани снесе јајце со ликот на Богородица која што во рацете го држи Христос, а до нив јасно се гледа мал крст.
За чудото да биде поголемо истото се случило непосредно пред големиот празник Велигден, возбудено раскажува Стаменков.
Стаменков го забележал јајцето и прво не му посветил внимание оти не можел да прецизира за што станува збор, но подоцна истата слика од Богородица што е на јацето ја нашле и на интернет.
- Прво не му обрнав внимание на јајцето, но подоцна го забележав крстот и до него некои ознаки. Комшиското дете го виде јајцето и веднаш истата слика што ја има на јајцето од Богородица ја најде и на интернет и така констатиравме дека се работи за Богородица како во рацете го држи малиот Исус. Побарав мислење и од свештениците од кочанскиот храм кои што ми рекоа дека тоа е добар знак и да си го чувам јајцето дома, рече Ангелчо Стаменков од Кочани.
Ваквите појави во Македонија не се ретки, а Стаменков во едно е сигурен, дека ова е добар знак и му носи радост на неговото семејство, затоа ќе го чува до иконата на Мајката Божја што ја има дома.
Т. Велкова