05.05.2016 Успешно се спроведува проектот за заштита и промоција на групата платанови стебла во село Мородвис што го спроведува Здружението на граѓани “Движење за одржлив развој“ од Кочани со поддршка од Општина Зрновци.
Неодамна Министерство за животна средина и просторно планирање донесе решение со кое овие стебла ги прогласува за природна реткост. Со тоа тие се првите стебла репрогласени како реткост во Македонија согласно Законот за заштита на природата.
По добивањето на решението продолжуваат активностите од вториот дел на проектот, при што активностите временски се пролонгираат за 4 месеци и ќе се реализираат во периодот од мај до август годинава. Со нив се предвидува конзерваторски итни мерки за заштита на стеблата, изработка на едукативни материјали за промовирање на нивното значење, изработка на едукативни табли и патокази, како и одржување на едукативно предавање за значењето на платановите стебла.
Сите активности се во координација помеѓу здружението на граѓани “Движење за одржлив развој“ од Кочани, Општина Зрновци и Програмата за заштита на природата.
Проектот ќе придонесе за заштита на уште една природна реткост во Република Македонија, како и за промoвирање на природните убавини на пошироката јавност.
Програмата за зачувување на природата во Македонија е проект на Швајцарската агенција за развој и соработка, координиран од Helvetas Swiss Intercooperation и “Фармахем“ со цел да и помогне на Република Македонија во зачувување на големата биолошка разновидност и природните еко-системи преку промоција на нивното одржливо користење и управување.