06.05.2016 Граѓаните кои ги поддржуваат движењето “Протестирам“ и Граѓанското движење за одбрана на Македонија, повторно организираа протести во Кочани.
Тргнаа од две различни локации по улиците на градот, носејќи транспаренти со испишани пораки како главно мото за причините за нивното излегување во јавноста.
Поддржувачите на “Протестирам“ повторно се собраа во Паркот на Револуцијата од каде што се упатија на мирен марш со повиците “Робија за мафија“ , “Нема правда – нема мир“ и “Готово е Никола“, за на крајот да организираат собир на скалите кај Трговскиот центар. Главна поента на нивните ставови е дека избори на 5 јуни не треба да има, затоа што не постојат основни услови за нивно оддржување.
- Какви избори, нема шанса, не ни требаат. Како зошто, со тие криминалци ли ќе одиме на избори, не доаѓа во обѕир, не, нема потреба.... Не знам дали ќе има избори, ама мислам дека не треба да има. Ние сакаме да се разреши на најубав начин, што е најдобро за граѓаните тоа да биде.... Нема да бидат легални, нема да бидат признати, мислам дека една партија не може да оди на избори. Сигурно на 5 јуни ќе можат да ескалираат работите, ќе дојде до поголеми штрајкови, проблеми, демонстрации, мислам дека нема да има избори, сигурно, рекоа граѓаните кои го поддржуваат движењето “Протестирам“.
Собирно место на поддржувачите на ГДОМ пак, беше градскиот плоштад од каде тие исто така продефилираа по улиците носејќи транспарент со натпис “Одбрана за Макеоднија“, за на крајот да се вратат на појдовната локација.
- Самоинцијативно се собравме да дадеме поддршка за да се стави крај на политичката криза во Македонија и за да се одржат изборите на 5 јуни.... Единствено што бараме е да се слушне гласот на народот, да излеземе на избори на 5 јуни, онака како што е предвидено и како што е закажано и секој слободно да ја изрази својата волја и да ја избере својата политичка опција и својата политичка партија, мислам дека е време да имаме судир на политички идеи, рекоа поддржувачи на ГДОМ.
Со оглед што двете групи протестанти тргнаа во исто време на марш по улиците, во еден момент се најдоа една спроти друга, но освен гласните скандирања, немаше никаков инцидент. Се најавува дека протестите ќе продолжат и во наредните денови, при што се очекувала поголема масовност, како потврда за исправноста на ставовите на секоја од групата граѓани.
Т. Ајтовски