06.05.2016 Само материјална штета, без загубени човечки животи е билансот од сообраќaјката на магистралниот патен правец Штип-Кочани.
Несреќата се случи претпладнето на крстосницата кон селата Кучичино и Чешиново. Според неофицијални сознанија, во критичниот момент поради невнимание при излегување на магистралниот пат возачот на возилото “ситроен ц3“ му го пресекол правецот на движење на патничкото возило “опел астра“, при што дошло до страничен судир.
Од ударот “ситроенот“ завшрил во блиската нива, а другото возило со оштетувања се задржало на коловозот.
Освен оштетувањето како последица од силниот удар, со телесни повреди се здобиле и патници од двата автомобила. На местото на несреќата беше направен увид за утврдување на околностите под кои дошло до судирот.
Инаку, оваа делница се смета за високоризична, а најчесто причина за несреќите се невнимателно излегување на коловозот од споредните патишта, како и движењето на земјоделска механизација. Земјоделците и жителите на околните населени места постојано се сведоци на несреќи во кои досега освен материјална штета и телесни повреди, имало и загинати лица.
Т. Ајтовски