09.05.2016 Во силна конкуренција од 16 детски песнички изведени на фестивалот за детска песна „Музички бранови“ победи 13-годишната Тамара Вујачиќ од Подгорица, Црна Гора со песната „Капутиќ“.
Петчленото жири во состав Јованка Милојевиќ, Милица Паулус, Дејан Стојанов, Душан Стојанов и Гоце Данилов беше едногласно и без многу размислување, заслужено првата награда за најдобра изведба ја додели на Вујачиќ.
Со одлуката на жирито се согласи и публиката која беше воодушевена од нејзиниот настап потврдувајќи го тоа со силниот аплауз наменет за победничката. По објавата Вујачиќ не можеше да ја сокрие возбудата на сцената.
- Чест ми е што учествував во овој фестивал. Сакам да се заблагодарам на организаторот Лазар Богатиновски што ме покани. Имам учествувано на Пинк ѕвездички и тоа е големо искуство за мене. Песната со која што победив ми одговара оти станува збор за балада, рече Тамара Вујачиќ, победничка на фестивалот.
Музиката на победничката песна „Капутиќ“ е на композиторот Ана Клепиќ, аранжман Слободан Марковиќ и текст Драган Радуловиќ. Фестивалот од минатата година доби и меѓународен карактер со настапот на деца од Србија, Босна и Црна Гора.
Наградата за најдобра музика отиде во рацете на Александар Трајанов за песната „Љубов за светот“ во изведба на Јана Илијевска. Награда за најдобар текст доби Невенка Данилова за песната „Сакам журки“ во изведба на Ива Петрова. Награда за најдобар аранжман му беше доделена на Ладо Леш за песната „Сан“ во изведба на Анастасија Танасиќ. Награда за најдобар сценски настап одите во рацете на Реља Ќетковиќ за песната „Кад љубав грије“.
На фестивалот беа изведени 16 нови композиции и неколку ревијални песни со изведувачи од Тетово како и од гостите од Црна Гора и Босна.
Гледајќи од досегашното искуство, како и ланските песни, така и годинешниве ќе станат поблиски на јавноста со тоа што ќе се пуштаат по радио и телевизиските канали во регионот и ќе останат слушани меѓу помладите генерации.
Т. Велкова