13.05.2016 Поранешниот претседател на кочанскиот Општински комитет на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Советот на Општина Кочани, Иван Иванов повторно се најде на кандидатската листа за пратеници на оваа партија.
Заедно со него, меѓу предложените е и Магдалена Манаскова, поранешна директорка на музејот од Виница, Магдалена Манаскова.
И двајцата по втор пат се кандидирани за седнување во парламентарните клупи, со оглед што и до недоамнешното распуштање на актуелниот собраниски состав ги извршуваа пратеничките функции од нашиот регион.
За разлика од претходните избори, за овој изборен процес Иванов се најде многу повисоко рангиран, односно наместо на 11, сега е на 5-та позиција на листата. Веднаш зад него, односно едно место подолу во споредба со изборите од пред две години е Манаскова.
Според официјално достапните информации, забележливо е дека на кандидатската листа нема други имиња од овој регион. Штипскиот општински комитет повторно се покажува како повлијателен во партијата, со оглед што дава дури тројца кандидати кои се високо рангирани, односно се наоѓаат на втората, седмата и осмата позиција на листата.
Вообичаено, до пред претходниот изборен циклус од Кочани имаше по двајца кандидати за влез во Парламентот, но таквата пракса е напуштена без официјален партиски коментар. Неофицијалното толкување на таквата постапка се аргументира со високата позиција на листата што ја добил Иванов, во однос на изборите од 2014 година.
Со оглед што од Државната изборна комиција нема потврда дали и покрај најавите други партии поднеле свои листи, тоа значи дека извесно е дека од двете соседни општини од регионот и во наредниот парламентарен состав би имало само по еден пратеник.
T. Ајтовски