17.05.2016 Уредувањето и промоцијата на локацијата кај водопадот на браната Гратче е дел од проектот што го реализира здружението Општински спортски актив - Кочани.
Се работи за реализирање на проект што е добиен преку Програмната за зачувување на природата во Македонија, а чија првична идеја е промоција на природните вредности и биолошката разновидност на околината на водопадот кај вештачката акумулација.
По подготвителните работи од првата, во тек е втората фаза од проектот во која поради неповолните временски услови во зимските месеци за расчистување на теренот, неодамна се започна со поактивна работа на терен. Поставени се инфо-табли за природните вредности и компонентите од биолошката разновидност, а изработени се флаери и постер за промоција на проектот и запознавање на пошироката јавност локалитетот.
Во наредната трета фаза предвидено е да се изгради видиковец кај самиот водопад со што ќе се овозможи едукација на различни категории граѓани, како ученици, студенти, туристи и слично кои ќе го посетат локалитетот. Исто така ќе се псотават клупи и корпи за отпадоци што ќе бидат распоредени во делот околу водопадот.
Веќе е изработена и веб страница http://www.vodopadikocani.mk, а во план е печатење информативен материјал - постери и флаери, потоа одржување на промотивни средби со разни групи посетители, како наставници по биологија од основните и средните училишта со нивните ученици, претставници на локалната самоуправа, спортски друштва, туристички агенции од регионот и пошироко.
На крајот е планирана и работилница со учениците од школата за цртање и сликање од Центарот за култура кои ќе го насликаат амбиентот и природата кај водопадот. Ќе се одржи и едукативна средба со спортските клубови со цел како да го користат капацитетот рекреативно преку пешачење, футинг, велосипедизам по ридско планински предел и слично.
Реализацијата на проектот на Општинскиот спортски актив - Кочани како дел од Програмата за зачувување на природата во Македонија, финансиски е поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка која ги помага активностите за зачувување на природата и локалниот развој на Брегалничкиот регион.