20.08.2013 Лидерот на СДСМ Зоран Заев гостуваше во Кочани во рамки на општинската партиска конференција на која во центарот на вниманието беше изборот на новиот претседател на ОО на СДСМ. Му го додели мандатот на Сашко Костов, истакнувајќи дека кочанската е една од општинските организации кои посебно го мотивираат во водењето на најголемата опозициска партија.
- Моето право согласно партискиот статут да избирам претседатели на општинските организации го споделив со најактивните членови кои носат функции. Заеднички по пат на дебата заклучивме дека нашиот сопартиец Сашко Костов е најпогодното решение за претседател на Општинската организација во Кочани-рече Зоран Заев, лидер на СДСМ.
Во најтесниот круг за нов претседател на кочанскиот огранок на партијата беше и Ѓорги Алексов, кој непосредно пред трибината ја откажа кандидатурата. Иако достави програма, отстапката ја направи заради ангажманот како координатор на советничката група.
-Делегатите потоа му дадоа голема поддршка на новиот претседател и тоа ме прави среќен, затоа што ваквите дебати кои демонстрираат единство и сплотеност ми даваат за право да кажам дека долгите години на СДСМ во опозиција не отрезнија да внимаваме понекогаш да не предизвикаме внатрешни делби и да бидеме сплотени, со што силно и недвосмислено испраќаме порака дека сме единствени, дека знаеме што сакаме и дека веруваме во она што го правиме-додаде Заев.
Лидерот очекува дека кон СДСМ во Кочани ќе се приклучат и нови луѓе со свои идеи кои во партијата би добиле ангажман за самодокажување, но и би дале придонес во подобрувањето на состојбите. Рече дека и тој силно верува во новото раководство на општинската организација и очекува таа по подолг период да ја донесе првата победа на опозицијата во Кочани.
Г.Лалов