17.05.2016 Минатата година во Кочанско не е регистриран ниту еден случај на бруцелоза кај стоката, информираат од Ветеринарната амбуланта „Вет мед“ врз основа на проверката на терен со испитување крв кај овци и кози.
Тоа се должи на континуираните акции за испитување на крвта кај стоката и евиденција и вакцинација на подмладокот на стоката против оваа болест, како и одличната соработка со сточарите, вели д-р Ѓорѓе Атанасов, доктор по ветеринарна медицина.
Д-р Атанасов информира дека годишното вадење крв за проверка на бруцелоза кај стоката кое секоја година започнуваше во март годинава започна од средината на мај.
- Претходните резултати покажуваат дека болеста бруцелоза не е присутна кај нас. Треба да испитаме околу 5.000 грла овци и кози. Бруцелозата е заразна болест, зооноза, болест што е карактеристична за животните, меѓутоа можат да заболат и луѓето. Симптомите обично се појавуваат кај бремените овци и кози и тоа со абортус или предвремено раѓање на плодот, рече д-р Ѓорѓе Атанасов, доктор по ветеринарна медицина.
Д-р Атанасов апелира до сите одгледувачи на овци и кози што побргу да се обратат до ветеринарните амбуланти за да се договори термин за вадење крв за испитување на болеста.
Стручните екипи на Ветеринарната станица и амбулантите деновиве започнаа и со годишниот попис на овци и кози за 2016 година во поширокиот кочански регион.
Инаку, акцијата за испитување на крв кај стоката за утврдување на бруцелоза е согласно зацртаната Програма за превенција на стоката во земјава ќе трае до 2020 година, кога и треба да се утврди дали оваа болест целосно е искоренета кај стоката.
Т. Велкова
6°C
Кочани