17.05.2016 Нерешените комунални услови се секојдневен проблем за жителите од новоизградените станбени објекти во строгиот центар на Кочани.
Со писмен допис до нашата редакција тие реагираат што Локалната самоуправа го наплатила надоместокот за т.н. комуналии, но не им го решила прашањето за нормален пристап до нивните живеалишта.
Во реакцијата граѓаните навеле дека соодветно на високите цени за комуналии, надлежните за планското и просторно планирање, утврдиле и улица која ќе минува од задниот дел станбените згради и ќе ги поврзува со делот од кај Трговскиот центар. Дел од станарите добиле убедување дека била планирана и изградба на паркинг простор за автомобилите, а останатите инвестирале во подземни гаражи во соседните објекти.
По две години од вселувањето станарите се сведоци на кал во врнежливите и прашина во сончевите денови. Се жалат дека и понатаму нема каде да ги паркираат своите возила, гаражите се блокирани од руинирани и запуштени куќи, кучиња скитници демнат во вечерните часови во неосветлено место, а децата кои живеат во тој дел, денот го поминуваат пред компјутер, наместо безгрижно да си играат во новото маало.
Во неколку наврати инвеститорите реагирале до Општината за да се асфалтира оваа улица, но ситуацијата и понатаму останува непроменета, како пред изградбата на тие станбени површини. Затоа станарите прашуваат каде е проблемот? Дали се работи за нерешени имотно-правни односи или парите од платените цени за комуналии се отидени на друго место, а не за соодветната намена? Ако се нерешените имотни односи граѓаните прашуваат како тогаш Општината продава градежно земјиште на кое утврдува изградба на станбен комплекс со улица, а урбанистичкиот план не го реализира целосно. Ако парите од комуналиите се потрошени за други намени, станарите прашуваат дали сега сами треба да инвестираат и во асфалтирањето на улицата?
На крајот од писмениот допис граѓаните од централното подрачје на Кочани велат дека според изгледот нивната околина наликува на иселените планински села каде има се повеќе напуштени и руинирани куќи, но кои со новиот проект за враќање од град во село веројатно имаат поголеми шанси да начекаат нов лик, отколку овој дел од градот.
Т. Ајтовски