16.06.2016 Огромни дупки и други оштетувања има на коловозот од мостот на Оризарска Река на излезот од Кочани во правец на Виница. Асфалтот што е поставен пред повеќе децении одамна чека посериозни градежни интервенции за реконструкција или целосно нов слој по целата должина на објектот.
Оштетувањата се толку големи што доколку возилата се движат со пропишаната брзина или нешто повеќе од неа, лесно може да се случи да бидат оштетени или да излетаат од патот.
Токму поради тоа возачите реагираат на бавната реакција на надлежните кои одамна требаше да ги санираат дупките на мостот. Нивните реакции беа пренесени и на последната седница на Советот на Општина Кочани.
- Таму од 20 километри на час повеќе не се вози, значи мора да застанете, да ставите во прва или втора, да поминете безбедно и да продолжите. Така што граѓаните кои доаѓаат од источната страна на градот и од Република Бугарија, самиот влез во нашата општина, во нашиот град остава доста грда слика. Ме интересира дали во скоро време имате некој план за санација на мостот кај Оризари, рече Сашко Стефановски, член на Советот на Општина Кочани.
Од општинската администрација велат дека со оглед што овој дел од сообраќајницата на излезот од Кочани се смета за дел од регионален патен правец, надлежноста ја имала државата, а не Локалната самоуправа. Поради тоа обврската за санација на дупките на мостот, па и на целиот влез од источната странана градот ја имало ЈП “Македонија пат“.
- Оваа година преговараме со “Македонија пат“ бидејќи таа делница е нивна, и ветија како што минатата година се асфалтираше влезот откај Подлошки пат кон Кочани, дека оваа година ќе помогнат со асфалтирање на источниот влез во Кочани. Така, мислиме дека со нивна помош ќе успееме да го асфалтираме и мостот и влезот од “Гранит“, па до градот, рече Влатко Димитров, раководител на Секторот за урбанизам на Општина Кочани.
Димитров не кажа одреден период во кој може да се очекува поправка на дупките на мостот на Оризарска Река, иако од одговорот на истото прашање на Комисијата за урбанизам можеше да се насети дека до крајот на годината градежните работи би требало да се комплетираат.
Освен поставувањето нов асфалт, на мостот нема јавно осветлување, па во вечерните часови тој претставува црна точка. Исто така, на целата оваа делница недостасува поголем дел од вертикалната и хоризонталната сообраќајна сигнализација, што дополнително ја влошува безбедноста во сообраќајот.
Т. Ајтовски