20.06.2016 Само што се потроши сумата од еден милион евра како кредит од Светска банка за асфалтирање 10 улици во општина Кочани, а новиот асфалт веќе почна да се распаѓа.
Наместо нови сообраќајници со тротоари, осветлување и останата инфрастуктура, граѓаните добија раскопани коловози.
Таков е случајот со улицата “554“ во населбата Прокарка, каде неколку месеци по завршувањето на нејзината изградба на средината на сообраќајницата се појавија дупки. Парчињата асфалт стојат расфрлани токму на крстосниците на оваа со улиците “Скопска“ и “Сремска“, а под товарот на возилата што поминуваат оттука на места колвозот се издигнал и по дваесетина сантиметри.
Состојбата е таква подолг период и граѓаните веќе реагирале до надлежните во Локалната самоуправа. Оттаму пак, не информираа дека направиле увид на улицата и се во договор со изведувачот, “Еуро-инг“ од Гевгелија да ги санира оштетувањата. Периодот за констатирање на сите можни недостатоци кај новоизградените улици бил до 26 јуни, за што од Општината навремено реагирале со барање за исполнување на обврските.
Со оглед што технички прием се уште не е направен, тоа значело дека немало ниту исплата за извршената работа, а должност на гевгелиската фирма била да ги предаде сообраќајниците во исправна состојба, според условите во тендерската спецификација. Трошоците за поправката на оштетениот асфалт на улицата во населбата Прокарка биле на товар на изведувачот, а дури откако ќе се констатирало дека состојбата е санирана Општината ќе го извршела плаќањето.
Сепак, факт е дека ова не е прв случај во Кочани на новоасфалтирани улици да се појавуваат оштетувања и дупки. Слична ситуација се јави пред неколку години на улицата “9 Мај“ кога по само 6 месеци од асфалтирањето таа повторно се раксопуваше и на одделни делови се поставуваше нов асфалт. Исто така, неодамна се санираа дупките на новиот асфалт на улицата „Љупчо Сантов“, а подолго време граѓаните реагираа и чекаа на поправката на улицата “Тодосија Паунов“ по поставувањето на атмосферската канализација.
Т. Ајтовски