27.06.2016 Дополнителна финансиска поддршка за производителите на ориз е најновата мерка што ќе ја преземе државата за да им помогне во нарушената состојба со пласманот на оваа земјоделска култура.
Според заменик-министерот за земјоделство Ванчо Костадиновски, на последната седница Владата донела одлука за ново субвенционирање на производството на ориз што ќе биде трето по ред. За ова тој ги запозна оризопроизводителите на средбата што викендот ја имаше со нив во Облешево.
- Оние кои што имаат пријавено земјишни капацитети до 2 хектари, оние кои имаат земјоделско земјиште на кое одгледуваат ориз до 2 хектари ќе добијат по 5 денари дополнителна субвенција за предаден килограм оризова арпа кај откупувачите. Во период од 1 до 31 јули од сопствените количини што ги имаат на залиха треба да ги предадат во откупните центри и по завршувањето на овој период, а најдоцна до 31 август заедно со целата документација, со откупните белешки, со кантарните белешки треба да се пријават во Подрачната единициа на Министерството и да аплицираат за добивање на дополнителната субвенција, рече Ванчо Костадиновски, заменик-министер за земјоделство.
Според Костадиновски, дополнителна субвенција ќе добијат и земјоделците кои поседуваат од два до 10 хектари при што ќе им бидат исплатени 4 денари за килограм предадена арпа кај откупувачите, додека земјоделците кои поседуваат над 10 хектари земјоделско земјиште на кое одгледуваат ориз ќе добијат по три денари за килограм предадена арпа.
Во ресорното министерство биле направените анализи за пласманот од минатогодишната реколта, при што е утврдено дека до сега се откупени 12 илјади тони ориз од кои околу 3,5 илјади тони се уште не се продадени и стојат во магацините на откупувачите. Земјоделците пак, во своите амбари чуваат уште 8 до 10 илјади тони ориз од лани.
Т. Ајтовски