25.07.2016 Со подготвителните работи на теренот, во локалитетот Бавчалук започна изградбата на најавената фитнес зона. Овој простор беше избран од страна на Комисијата за урбанизам, по претходна консултација со стручни лица од областа на спортот во општината.
Иако се очекуваше градежните работи да стартуваат во октомвери, сепак проектот се реализира неколку месеци порано за да се обезбеди негово завршување уште оваа сезона.
Се работи за инвестиција на Агенцијата за млади и спорт со која освен Кочани, опфатени се уште 19 други градови во државата.
Според техничката документација, предвидено е на простор од околу 200 метри квадратни да се постават вкупно 8 справи, на кои истовремено ќе можат да вежбаат 30-тина луѓе. Трошоците за уредување на просторот и поставување на справите се во висина од околу 30 илјади евра, а обврска на Локалната самоуправа е да ја постави придружната комунална опрема, како корпи за отпадоци, клупи, дополнително јавно осветлување и слично.
Инаку, за изградба на 20-те фитнес зони во целата држава е предвиденода се инвестираат вкупно 40 милиони денари.
Од Агенцијата за млади и спорт информираат дека наскоро треба да започне и реализацијата на проектот за изградба на 150 игралишта за уличен баскет, во што исто така ќе биде вклучена и нашата општина.
Т. Ајтовски
©2016 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.