28.07.2016 Наместо мирна и тивка населба, со новоградби и пријатни услови за домување, Трајаново Tрло со години се претвораше во една голема депонија.
За да се спречи еколошка катастрофа, жителите повеќепати реагираа до надлежните да им помогнат. Деновиве просторот е расчистен и конечно наликува на урбана локација, на која наместо ѓубре, се очекува да никне зеленило и да се постави урбана опрема.
Граѓаните кои живеат овде постојано се жалеа дека несовесноста на нивните сограѓани го претворила околниот простор во место што секој го одбегнува, иако било планирано да се облагороди и да стане место за одмор и рекреација.
Соседите од блиските куќи велат дека конечно успеале во нивните лични заложби и интервенции кај надлежните да го запрат исфрлањето на комунален отпад и ширењето на депонијата.
- 11 години веќе се расправаме со оваа депонија тука, се соочуваме со овие гадотии, кажано народски, со алергии, со смрдеа, со болести. Од луѓе не направија нелуѓе, ние почнавме со сите буквално да се расправаме, буквално пред врата ти истураат и секогаш со агресија од нивна страна, многу пати и на ќотек се нафрлаат, рече Љубица Стоименова, жителка на Трајаново Трло.
- Мојот апел до сите граѓани е да престанат со исфрлање на шут или каков било смет, и оваа населба да добие лик на урбана средина и место достојно за живеење. Инаку, последниве 10-11 години, се исфрлаше и комунален отпад, умрени животни, и се ширеше неподнослива смрдеа, рече Зорка Стојанова, жителка на Трајаново Трло.
Жителите на Трајаново Трло повеќепати иницирале петиции и собирале потписи, но и лично усно реагирале до надлежните во Локалната самоуправа, со барање да се преземат соодветни законски мерки за да се спречи ширењето на депонијата.
Контролите на теренот покажале дека реакциите се оправдани, па деновиве општинарите презедоа активности за расчистување и запирање на исфрлањето на отпадот.
Преку медиумите упатија известување дека се запира користењето на просторот како место за исфрлање шут и градежен отпад, за да се спречи повторното загадување и со комунален и со друг вид органски отпад. Истовремено предупредуваат дека ќе се преземаат и казнени мерки против прекршителите.
Т. Ајтовски
©2016 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.