05.08.2016 Конечно, по неколку години чекање и барање пари од надлежните, ОМУ “Ристо Јуруков“ ќе го репарира единственото полуконцертно пијано со кое располага.
Веќе го објави јавниот повик за избор на давател на услугата за поправка и штимање на музичкиот инструмент, за што е планирано да се потрошат околу 140 илјади денари. Пријавувањето на заинтересираните ќе трае до 9 август, што значи дека по завршување на административните процедури би требало репарацијата да се реализира до пред почетокот на новата учебна година.
Факт е дека на ова се чекаше предолго, особено ако се има предвид оти пред четири години, во рамки на манифестацијата “Кочани - град на културата“, светски познатиот пијанист Симон Трпчевски одржа концерт со хуманитарна цел, односно средствата од продадените влезници беа предвидени за поправка и одржување на пијаното.
Во меѓувреме немаше никакви активности, а чекањето и неизвесноста зошто тоа се случува беа причина за неколку реакции и на седниците на Советот. Првиот човек на Општината тогаш рече дека парите се чувале за намената, а најави оти имало и иницијатива да се купи сосема ново концертно пијано.
- Ние средствата ги чуваме уште. Во договор со дел од организаторите од музичкото училиште се чуваат за реновирање на овој клавир, но сакам да ви соопштам и друга вест дека имаме иницијатива за купување на еден вистински концертен клавир, односно концертно пијано. Тоа е една желба, веќе три-четири години наназад се обидуваме, очекуваме дека оваа година ќе биде усвоено, па сакаме да имаме уште порадосна вест, рече уште во август 2013 година Ратко Димитровски, градоначалник на Општина Кочани.
Сепак, и по три години, најавата за радосната вест што ја даде Димитровски не се исполни. Очекувањата државата да даде дел од потребните 4 милиони денари за купување професионално концертно пијано, се покажаа како нереални.
Сепак, на музичкото училиште, и на градот воопшто, поради долгата културна традиција неопходен му е професионален инструмент. Недостигот од него е една од причините врвни музичари да не настапуваат кај нас, а Трпчевски на пример, за настапот во Кочани си донесе сопствено пијано.
Т. Ајтовски
©2016 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.