09.08.2016 Полицијата го идентификуваше лицето кое во петокот вечерта се обидело да силува малолетничка. Се работи за 24-годишниот В.К. од Кочани, кој се сомничи дека е сторител на кривично дело полов напад.
На 5 август, околу 22.15 часот тој бил на улицата Роза Петрова и во еден момент му се приближил на единесетгодишно девојче кое во истиот момент поминувало во близина. Потоа со употреба на физичка сила од зад грб го фатил детето за двете раце и извршил полов напад со друго полово дејствие.
Изненадено и исплашено од постапката, девојчето почнало да вика на висок тон и да бара помош, при што успеало да го фати напаѓачот за лицето и да го удри со мобилниот телефон по главата. Тоа било доволно за момент да го збуни и да го оттурне од себе, по што успеало и да побегне.
По пријавувањето на настанот во Полициската станица, сторителот остана непознат. Меѓутоа, по преземените мерки според описот што бил даден истиот е откриен и против него е поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,полов напад врз дете кое не наполнило 14 години“.
Исто така, од страна на судија на претходна постапка на В.К. му е одредена мерка куќен притвор во траење од 30 дена.
©2016 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.