10.08.2016 Веќе неколку дена облаци од густ и смрдлив чад се издигаат од градската депонија во близина на патот кон Пониква, а оттаму се шират по целиот планински предел, достигнувајќи дури и до оддалечените села Цера и Главовица.
Чадот стигна и до градот, па граѓаните на Кочани во текот на вечерните часови го почувствуваа мирисот на изгорено, поради што и телефонски реагираа во нашата редакција.
Она што можеше да се забележи на лице место е дека практично целата депонија гори, а на повеќе места се забележуваат и високи пламени јазици што излегуваат од отпадот.
Неколкумина од вработените во КЈП “Водовод“ со механизација истураат земја на местото каде што е најкритично со намера да се оневозможи пристап на кислород и горење на пластиката и хартијата. Сепак, за сега тешко им оди обидот да го изгаснат огнот.
Количината на земја во кругот на депонијата што е донесена за таа намена е недоволна, а ниту камионот со кој се се истура земјата не може да одговори на потребата. Поради тоа, неопходен е поширок ангажман на надлежните во претприајтието и во Локалната самоуправа за да се обезбеди доволно механизација и поголеми количини земја за да се затрупа запалениот отпад. Искуствата на вработените се дека кога депонијата ќе се запали тешко се гаси, па често чадот и пламенот траат со недели.
Претпоставките дека дошло до самозапалување поради присуството на органски отпад не можат да се земат како сигурни, па најверојатно причина за запалувањето е човечкиот фактор.
Ова не е прв пат депонијата да гори и од неа да се шири густ чад, но факт е дека со својата местоположба и присуството на запалливи материи таа е потенцијална опасност за поголеми пожари во околината, а уште повеќе за загадувањето на животната средина. Во “Водовод„ велат дека вршат постојан надзор на локацијата, околината редовно се заорува за да се спречи ширењето на огнот со оглед што во близина има и неколку викенд куќи и лозја.
Т. Ајтовски
©2016 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.