17.08.2016 Единствениот воз што вози по железничката пруга кон Кочани доживеал судир со патничко моторно возило што преминувало преку регуларен сообраќаен премин.
Несреќата се случила изутрината околу 4 часот кога во близина на железничката станица Соколарци возот кој сообраќал од Скопје кон Кочани удрил во автомобил рено лагуна, со кочански регистерски ознаки управуван од 24-годишниот Д.Д. Притоа возачот се здобил со телесни повреди, по што бил префрлен во кочанската општа болница.
Исто така, од ударот кај автомобилот е направена поголема материјална штета, додека локомотивата на возот поминала со помали оштетувања.
Со оглед што во непосредна близина се наоѓа железничката станица, возот се движел со намалена брзина поради што се избегнати и посериозни последици. Инаку, преминот што се наоѓа кај селото Чешиново не е обезбеден со рампа, но доволно е обележан со соодветна сообраќајна сигнализација, како предупредување за возачите. Најверојатно се работи за момент на невнимание токму во периодот кога возот се приближувал кон железничкиот премин.
На местото на несреќата службени лица направиле увид, поради што железничкиот сообраќај во тој период бил во прекин. Дури околу 8,30 часот возот пристигнал во кочанската железничка станица, по што сообраќајот е нормализиран.
Т. Ајтовски
©2016 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.