23.08.2016 Солиден успех постигнаа спортистите од Кочани кои учествуваа на отвореното триатлон првенство “Радожда 2016“ на бреговите на Охридското езеро кај Струга.
Во конкуренција од 36 учесници од Македонија, Србија, Бугарија и Грција, Стојан Николов, член на велосипедскиот клуб “Поскок“, во својата категорија го освои петтото место. Останатите четворица спортисти од Кочани забележале нешто послаби резултати и се пласирале подолу на ранг-листата.
На спринт триатлон спортистите се натпреварувале во спортските дисциплини пливање, возење велосипед и трчање.
Инаку, патеката за возење велосипед била поствена на патот кон кампот Ливадиште, а трчањето се одвивало во правец кон Албанија. Во категоријата велоспиедизам се возеле 4 круга во вкупна должина на патеката од 20 км, додека во трчање имало 8 круга во вкупна должина од 10 километри. Обележаната патека за пливање пак, била долга 750 метри.
Организатор на турнирот е триатлон клубот “Титани“ од Струга со поддршка од Триатлон федерацијата на Македонија. На отвореното првенство учествувале вкупно 60 триатлонци од земјава и странство.
Т. Ајтовски
©2016 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.