21.09.2016 Нема промени во начинот на користењето на просториите на Народна техника во комплексот АСНОМ од пред четири години, кога Канал 8 се интересираше за статусот на кочанските радиоаматери.
И понатаму објектот има заклучени врати, а просторот од северозападната страна е руиниран, уништен и претворен во депонија.
Просториите од пред извесен период му се дадени на користење на Универзитетот “Гоце Делчев“ од Штип, но наместо најавената реконструкција и уредување на една училница како судница за практична настава на студентите на Правниот факултет, работите не се помрднати од место.
Во далечната 1973 година, кога тогашната Локална самоуправа започнала да го гради комплексот АСНОМ, како коинвеститор во градбата, со половина од потребната сума учествувала и Народна техника. Со тоа се стекнала со правото на сопственост на дел од 370-те метри квадратни корисна површина. Но, фактичката состојба е сосема поинаква и радиоамaтeрите, члeновите на некогашниот фото клуб и школата за електроника практично се на улица.
На последната седница на Советот беше поставено и советничко прашање дали може да се реши сегашната состојба со просторот во АСНОМ и да им се помогне на радиоаматерите. Градоначалникот Димитровски кратко одговори дека би можел да прими нивни претставници за да се види што може да се стори.
- Ќе го провериме и што им треба помош, ако е нивно ќе им помогнеме, а ако се согласни заеднички да настапуваме за некои други проекти исто така можеме да им помогнеме, затоа што тој беше еден од најпознатите клубови, рече Ратко Димитровски, градоначалник на Општина Кочани.
Дали ќе се преземат мерки за расчистување на прашањето кој и колку е вистински сопственик на просторот во едно од западните крила на АСНОМ засега е нејасно.
Потребата од постоење на радиоаматерски клуб повторно се актуелизираше во последните месеци со природните стихии, односно поплавите и земјотересите што го зафатија скопскиот регион. Телекомуникациските врски во такви услови можат да бидат единствените кои ќе овозможат брза и ефикасна помош за евентуално настраданите подрачја.
Т. Ајтовски
©2016 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.