27.09.2016 И Кочани е дел од мрежата градови во Македонија влезени во хуманитарно-еколошката акција за собирање користена облека.
Симболично активноста го носи називот “Леб од текстил“, а во неа можат да се вклучат сите граѓани од општината. Од хуманитарната организација “Адра Македонија“, која е носител на акцијата, велат дека подготовките за нејзина реалзиација се во тек и се планира завршницата да биде идната недела.
- Ова е еколошка хуманитарна акција каде ќе се собира половна облека и обувки, значи луѓето кои сметаат дека веќе немаат потреба да ги користат, можат да ги донираат за потребите на граѓаните кои што имаат потреба да ги примаат овие работи. Акцијата ќе се случи на 5 октомври, од 12 до 19 часот се планира долу кај ЦК “Бели мугри“, кај фонтаната во паркот, рече Ѓурица Пастоњецки, помошник во хуманитарната организација “Адра“.
Секој граѓанин кој има вишок од обувки и облека и не ги користи подолго време и смета дека му се непотребни во домот, може да ги донира за социјално загрозените лица. Токму поради тоа и акцијата го носи називот “Леб од текстил“, додава Пастоњецки, затоа што на некои граѓани им е насушно потребно да се облечат, посебно во студените денови што претстојат.
- Оваа акција е започната во Босна и Херцеговина, и голем одѕив има таму, така што и самиот назив го презедовме од нив. Пред десетина дена имавме акција во Штип и голем одѕив имавме од страна на граѓаните, скоро две комбиња беа полни. Луѓето донираа, а ако сметаат граѓаните дека имаат душек, кревет што не им требаат и тоа може да помогне, посебно за луѓето кои се наоѓаат во поплавените подрачја во Скопје, а имаат потреба од такво нешто, нема да биде вишок ако го донираат тоа, додава Пастоњецки.
За оние граѓани кои не се во можност сами да ја донесат својата донација на собирното место кај Центарот за култура во Кочани, постои можност да се јават телефонските броеви објавени на рекламниот плакат за акцијата, по што мобилно возило ќе дојде во нивниот дом за да ја подигне облеката.
Т. Ајтовски
©2016 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.